Во рамките на тековниот циклус теренски посети низ месните и урбаните заедници во општина Кисела Вода, градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, придружувана од раководителите на секторите од општинската администрација, вчера вечерта оствари работна средба со жителите на месната заедница Усје.
Овој отворен собир претставуваше одлична можност за непосреден разговор за досегашните резултати, како и за плановите за идните инвестиции во оваа населба. Во делот на реализираните проекти, присутните упатија благодарност до Општината за финансиската поддршка и покривањето на котизацијата за фудбалскиот клуб Усје, со што му се овозможи непречено учество во натпреварите. Жителите ја поздравија и редовното одржување на хигиената во однос на чистење, косење и кастрење гранки, а го нагласија и значењето од започнување на процесот за уредување на Усјанскиот канал.
Покрај освртот на сработеното, на средбата детално се разговараше и за идните приоритети и барања на локалното население. Во насока на подобрување на инфраструктурата, граѓаните побараа асфалтирање на два крака од улица „1“ во МЗ Усје, изработка на проект за затвoрање на Усјанскиот канал, како и поставување сообраќаен знак за ограничување на носивоста за камионите и миксерите кои се движат низ населбата.
Дополнително, беше истакната потребата од проширување на мостот на улица „4“, реконструкција на улицата во месноста позната како „Дупки“, како и проширување на паркинг-просторот пред црквата „Св. Атанасиј“.
Сите изнесени предлози, забелешки и барања беа детално нотирани од страна на стручните општински служби со цел нивно натамошно решавање. Теренските средби продолжуваат и во наредниот период, при што со овој циклус посети ќе бидат опфатени сите месни и урбани заедници во Општина Кисела Вода.










