Општина Кисела Вода беше домаќин на ученици од четири одделенија од ООУ „Кирил Пејчиновиќ“, кои преку практична настава по предметот ,,Историја и општество” се запознаа со надлежностите на градоначалникот и историјата на општината.
Учениците беа пречекани од градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска. Тие покажаа голем интерес, активно учествуваа во дискусијата и поставуваа бројни прашања поврзани со тоа како се носат одлуките во општината, кои проекти се реализираат за младите и како изгледа еден работен ден на градоначалникот.
-Прекрасно е да се види колку овие млади генерации се љубопитни, заинтересирани и подготвени да учат за својата општина. Преку отворен разговор ги запознавме со надлежностите на општината и нашата историја. Инвестирањето во образованието на најмладите и нивното запознавање со институциите уште од рана возраст е темел за градење на свесни и активни граѓани кои во иднина ќе ја продолжат нашата работа со уште поголем ентузијазам.- изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
Општина Кисела Вода останува отворена за вакви иницијативи и во иднина, поттикнувајќи ја соработката со основните училишта со цел учењето преку директно искуство да стане дел од секојдневниот образовен процес.













