Денеска беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Општина Кисела Вода и Здружението за социјални иновации – АРНО, со што се продолжува и унапредува досегашното заедничко дејствување. Новиот Меморандум го потпишаа градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска и претседателката на АРНО, Ирина Јаневска.
Овој документ претставува основа за континуирана соработка насочена кон унапредување на локалниот развој, поддршка на социјалното и зеленото претприемништво, како и имплементација на концептот на циркуларна економија. Преку реализација на заеднички иницијативи, едукативни програми и иновативни проекти, фокусот се става на јакнење на капацитетите на заедницата и креирање одржлив економски и општествен развој кој ќе донесе директни придобивки за граѓаните.
-Партнерствата со организации кои имаат визија, знаење и конкретни резултати се клучни за создавање модерна и одржлива локална заедница. Со потпишувањето на овој меморандум со АРНО отвораме нови можности за развој на проекти кои ќе донесат директни придобивки за нашите граѓани. Наш приоритет е да инвестираме во иновации, зелени политики, поддршка на претприемништвото и едукација, бидејќи токму тоа е патот кон поквалитетен живот и посилна локална економија. Верувам дека преку оваа соработка ќе реализираме бројни иницијативи кои ќе ја направат Кисела Вода пример за современа, одговорна и развојно ориентирана општина – изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.







