Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска го посети основното училиште „Кузман Шапкарев“ во населбата Драчево, каде е во тек санација на 11 училници, со што значително ќе се подобрат условите за изведување на наставата за 643 ученици од прво до деветто одделение.Во рамките на санацијата, која е со вредност од 1.250.000, 00 денари, обезбедени од буџетот на општина Кисела Вода, се опфатени активности за реновирање на подови на површина од 360 квадратни метри.
![](https://opstinakiselavoda.gov.mk/wp-content/uploads/2024/12/12-1024x769.jpg)
Градоначалникот Ѓорѓиевски ја истакна важноста од модернизација на образовните објекти и обезбедување оптимални услови за учениците:Со завршувањето на планираните активности, училиштето „Кузман Шапкарев“ ќе добие подобрени просторни и функционални капацитети, што директно ќе придонесе за квалитетот на образованието и удобноста на учениците и наставниците. Со оваа санација, во комбинација со доградбата на две нови училници, која веќе е завршена, и планираната доградба на уште три, создаваме предуслови за учениците од ООУ “Кузман Шапкарев” да посетуваат настава само во една смена. Ова е една од нашите најважни цели – децата да учат во подобри услови, без пречки и со можност за целосна реализација на наставниот процес. Едносменската настава значи повеќе време за воннаставни активности, спорт, дружење и семејство, и наскоро ќе биде реалност во сите основни училишта на територијата на Општина Кисела Вода-изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.