Под слоганот „Кисела Вода – најстарата скопска приказна, 71 година културен печат на градот“, вечерва во 20 часот, официјално започнува големото Културно лето во организација на Општина Кисела Вода. Во следните три фестивалски дена, публиката ќе има можност да ужива во богата програма и настапи на еминентни македонски, но и големи балкански музички ѕвезди.
Свеченото отворање на манифестацијата ќе се одржи вечерва во населбата Драчево, на локацијата кај Крстот. Програмата започнува во 20 часот со настап на КУД „Китка“, по кои концерт ќе одржи Андријана Петрушовска.
Потоа, пред публиката ќе настапи ансамбл специјално создаден за оваа пригода, составен од ученици од основните општински училишта од Драчево, ученици од ЕМЦ „Наши ноти“ и ученици од традициската насока при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, сите под менторство на Вера Милошевска Јосифовска и групата „Љубојна“. Првата фестивалска вечер ќе ја затвори Никола Станишиќ.
По вечерашното отворање, за време на викендот, односно во сабота и недела, забавата продолжува во паркот Расадник каде ќе настапат Лозано, големата балканска ѕвезда Војаж, популарното дуо „2Бона“, раперот Таско, Влатко Миладиновски, ДЈ Марио Трампет и ДЈ Доријан , како и млади бендови и талентирани ученици.
Низ трите фестивалски дена и богатата музичка програма, публиката ќе ја водат водителите Миро Кацаров и Кристина Димитри.
Општина Кисела Вода ги поканува сите граѓани да бидат дел од оваа значајна културна манифестација



