Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денес учествуваше на Првиот национален форум „Општини за здравје – Поттикнување локални активности за унапредување на здравјето и превенцијата“, кој кој во организација на Министерството за здравство и Минстерството за локална самоуправа, со поддршка на Светската здравствена организација, се одржа во Скопје.
Настанот го отворија министерот за здравство Сашо Клековски, заменик-министерот за локална самоуправа Ерџан Селими, претставникот на Светската здравствена организација Аким Али и директорката на Институтот за јавно здравје, д-р Марија Андоновска.
Во рамки на панел-дискусијата посветена на спроведувањето на здравствените приоритети на локално ниво, градоначалничката Стаменкоска Трајкоска, заедно со министерот за здравство Сашо Клековски и претставници од други општини, размени искуства и добри практики за улогата на локалната самоуправа во унапредувањето на здравјето и благосостојбата на граѓаните.
На дискусијата стана збор за суштинското значење на системскиот пристап кон превенцијата, при што градоначалничката ги презентираше континуираните политики и вложувања што Општина Кисела Вода ги спроведува со цел заштита на здравјето на сите генерации. Посебен фокус беше ставен на раната грижа и едукација кај најмладите, почнувајќи од превентивните офталмолошки и стоматолошки програми во градинките и училиштата, па сè до подигнувањето на свеста за имунизацијата, правилната исхрана и менталното здравје. Таа се осврна и на важноста од подигнување на јавната свест за рана детекција на малигните заболувања кај жените, како и теренските превентивни активности за повозрасните граѓани и вработените.
Стаменкоска Трајкоска нагласи и дека во претстојниот период во Општина Кисела Вода постојаната Комисија за унапредување на правата на пациентите ќе добие нов состав, во кој покрај претставници на граѓанскиот сектор и здруженијата, ќе членуваат и лекари и здравствени лица. Како што истакна, ова претставува значаен прв чекор кон натамошно институционално зајакнување на локалната здравствена грижа и отворање пат кон воспоставување Општински совет за јавно здравје, а воедно и уште посилна координација со образовните и здравствените институции.












