Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, заедно со сопругата на претседателот на Владата, Рози Мицкоска, го посетија Здружението на родители на деца со церебрална парализа, кое е лоцирано на територијата на Општина Кисела Вода.
Станува збор за организација предводена од претседателката Марина Билбиловска, која посветено се залага за унапредување на правата, инклузијата и подобрување на условите за живот на децата и возрасните лица со церебрална парализа во Македонија.
Во рамки на посетата, гостите и децата од Здружението реализираа заедничка креативна работилница на тема „Есен“. Како знак на поддршка, на дечињата им беа врачени и пригодни подароци, материјали за работа кои им се потребни за реализирање на нивните креативни активности и работилници.
Градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска ја нагласи важноста од континуираната соработка и системската грижа, истакнувајќи дека локалната самоуправа останува силен партнер на здружението.
-Денешната дружба и заедничката есенска работилница со овие прекрасни деца се потврда колку се важни вниманието, поддршката и поттикнувањето на нивната креативност и социјализација. Особено ми е драго што на овој настан ни се приклучи и сопругата на претседателот на Владата, госпоѓа Рози Мицкоска, со која заедно се дружевме и учествувавме во нивните креативни активности. Работата на посетија Здружението на родители на деца со церебрална парализа е од непроценливо значење за нашето општество. Општина Кисела Вода секогаш ќе биде тука за да ги поддржи нивните иницијативи и да им ги олесни условите за работа преку обезбедување потребни материјали и ресурси. Нашата грижа не завршува со една средба. Континуираната поддршка за децата и возрасните лица со церебрална парализа, како и за нивните семејства, останува наш траен приоритет за градење вистински инклузивно општество- изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
























