Во Домот на културата „Билјана Беличанец“ се одржа дводневна инспиративна работилница со над 150 талентирани ученици од осмо и деветто одделение од сите основни училишта во Општина Кисела Вода. Работилниците беа дел од проектот „Гласот на Ѕвездите 2026“, во организација на Здружението „Незапирливи – Заедно кон Успех“, со поддршка на Општина Кисела Вода преку јавниот повик за финансирање проекти од локално значење.
Првиот ден се одржа актерска работилница со учество на познатите актери Сашко Коцев и Игор Ангелов, како и младите актерски надежи Бисера Илиева и Никола Пандилов.
Вториот ден следуваше музичката работилница на која гостуваа Христијан Тасковски – Таско, групата „Допамин“, составена од млади музичари од Кисела Вода и поранешни ученици од општинските училишта, како и младите музичари Максим Пандилов и Лука Илиев.
Преку отворен разговор, гостите со учениците ги споделија своите почетоци, предизвиците и искушенијата што ги носи популарноста, ставајќи посебен акцент на важноста од меѓугенерациската поддршка, упорноста и посветеноста.
Целиот проект ќе се финализира со голем завршен концерт на 19 ноември 2026 година, со почеток во 19:00 часот, во Домот на културата „Билјана Беличанец“.
На концертот, повозрасните ученици заедно со помалите деца ќе се водат низ нивните први чекори на големата сцена. Проектот „Гласот на Ѕвездите 2026“ претставува успешно продолжение на минатогодишната иницијатива од 2025 година, продолжувајќи да ја гради културната и уметничката иднина на Кисела Вода.








