Со завршниот концерт во Домот на културата „Билјана Беличанец“, успешно финишираше годинашното издание на проектот „Гласот на ѕвездите 2026“, реализиран од Здружението „Незапирливи – заедно кон успех“, со финансиска поддршка од Општина Кисела Вода преку јавниот повик за поддршка на културни работилници, уметници и здруженија од локално значење.
На сцената настапија талентирани ученици од основните училишта на територијата на општината, а особена вредност на вечерта ѝ даде меѓугенерациската поддршка. Имено, осмоодделенците и деветтоодделенците ги водеа и бодреа помалите ученици при нивните први сценски настапи.
Концертот доаѓа по претходно одржаните едукативни работилници на крајот од октомври, на кои учествуваа околу 150 ученици од осмо и деветто одделение заедно со своите наставници. Станува збор за работилници на кои лично од нив можеа да ги слушнат искуствата за упорноста, почетоците и предизвиците на професијата од актерите Сашко Коцев, Игор Ангелов, Бисера Илиева и Никола Пандилов, како и од музичарите Христијан Тасковски – Таско, Максим Пандилов, Лука Илиев и групата „Допамин“, составена од млади музичари и поранешни ученици од Кисела Вода.
-Најголемата придобивка за нашите основци од овие работилници е реалната слика што ја добија за сцената и уметноста од луѓе со вистинско искуство. Но, уште позначајно е што ова знаење вечерва го применуваат во пракса: повозрасните ученици преземаат улога на ментори и ги водат помалите другарчиња при нивните први настапи. Општина Кисела Вода ќе продолжи конкретно да вложува во вакви проекти кои градат самодоверба, солидарност и им даваат шанса на младите да ги покажат своите квалитети-истакна градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, во своето обраќање пред присутните.






















