По повод кампањата за безбедност на децата во сообраќајот, организирана од страна на претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Стојче Стаменковски и Министерството за внатрешни работи, со поддршка од општина Кисела Вода и градоначалникот Билјана Беличанец Алексиќ, во ОУ „Св Климент Охридски“, во село Драчево се одржа сообраќајно – едукативно предавање со цел, за запознавање на децата со основните правила и прописи во сообраќајот.
За поголема безбедност на децата, покрај сообраќајно – едуктивното предавање беше обележан и пешачкиот премин пред ОУ „Св Климент Охридски“. Учениците со своите испишани пароли ги повикаа на разумност и внимание сите учесници во сообраќајот.
Претседателот на РСБСП м-р Стојче Стаменковски истакна дека со вакви активности и акции, се покриваат сите целни групи во сообраќајот, со што се постигнува поголема безбедност на патиштата и поголема одговорност кај сите учесници во сообраќајот, особено на најмладите.
Градоначалникот на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец Алексиќ, изјави дека општината ќе продолжи со работа на зголемување на безбедноста на улиците и патиштата на својата територија, особено во близина на училиштата и градинките. Воедно градоначалничката нагласи дека соработката помеѓу Републичкиот Совет за Безбедност на Сообраќајот на Патиштата и општината Кисела Вода ќе продолжи и понатаму за постигнување на заедничката цел: што помалку жртви во сообраќајот на патишата.