Search
Close this search box.

Пуштено во употреба повеќенаменското игралиште во с. Драчево

Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, градоначалникот на општина Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески, денеска го пуштија во употреба новото повеќенаменско игралиште во ОУ “Св. Климент Охридски” во селото Драчево.

 

 

Во своето обраќање пред присутните, Премиерот Груевски нагласи дека Владата и институциите на системот продолжуваат со интензивно темпо на работа во сите полиња од интерес на граѓаните и во сите делови на нашата држава.

– Пред нас е период кој ќе донесе многу придобивки, многу инвестиции, реформи и нови проекти, но и период во кој треба да ги довршиме проектите кои ги започнавме во минатото и континуирано ги реализиравме во изминатиот период, рече претседателот на Владата на Република Македонија.

Еден од тие проекти, истакна Груевски, е и проектот за „Изградба на 100 повеќенаменски спортски игралишта“ во чии рамки веќе се пуштени во употреба 12 игралишта, а 14 други се во тек на изградба. Овој проект е дел од низа капитални проекти во спортот какви што, истакна премиерот, нашата држава не памети. Слични проекти се изградбата на 35 големи спортски сали, на 50 фудбалски игралишта, како и изградбата на 100 тениски терени низ целата држава. Целта на сите овие проекти е секаде низ Македонија да се поттикне развојот на спортот и здравите навики кај младите.  Тој потсети дека во општина Кисела Вода веќе се изградени спортски сали во ОУ „Невена Георгиева Дуња“ и „Круме Кепески“. Се планира и изградба на два тениски терени и четири повеќенаменски спортски игралишта. Едното од нив, веќе се гради во подрачното училиште „Кузман Јосифовски Питу“ во Црниче.

 – Тука во Драчево во завршна фаза е изградбата на новото училиште „Рајко Жинзифов“ за што е обезбедена донација од Владата на Народна Република Кина. Помогнавме за асфалтирање на улицата „Иван Хаџиниколов“, ја изградивме атмосферската канализација на улицата „Жарко Зрењанин“ и фекалната канализација во населеното место Потстаница, рече Груевски и додаде дека на пошироката територија на Кисела Вода реализирани се уште многу други проекти. Потенцира дека продолжува соработката со оваа општина, како и вложувањето во проекти кои се од витално значење за образованието, земјоделството, културата, за модернизација на здравството, за унапредување на животната средина, за изградба на патиштата, како и повеќе други проекти.

Според градоначалникот на Кисела Вода Билјана Беличанец Алексиќ, повеќенаменското игралиште ќе придонесе за правилен развој на најмладите и ќе помогне да се трасира успешната иднина на некој иден спортист.

– Во периодот на градба на ова повеќенаменско игралиште, и општина Кисела Вода се вклучи со сопствена инвестиција во целосната реконструкција во поставувањето нов кров на училишната спортска сала, кој беше во исклучително незавидна состојба, со цел да се овозможи непречено одвивање на наставата и развојот на училишниот спорт, истакна Беличанец Алексиќ.

Најавувајќи ги новите проекти во општина Кисела Вода, таа најави дека инвестициите на оваа локална самоуправа нема да сопрат.

-Како би добиле целосен мини спортски објект во село Драчево, веќе во текот на идната недела, веднаш до ова повеќенаменско игралиште ќе се постави уште едно, но со фитнес реквизити, повторно со средства од буџетот на општина Кисела Вода. Верувам дека со ова ќе придонесеме во добивањето на пофункционална и поквалитетна средина за жителите на оваа територија, онака како што и ветивме-истакна градоначалникот на општина Кисела Вода Беличанец-Алексиќ.

 

 Повеќенаменското игралиште во ОУ “Св. Климент Охридски” во с. Драчево е со димензии 45×28 метри. Сите љубители на мал фудбал, ракомет, кошарка, тенис, можат бесплатно да го користат, за што се обезбедени сите спортски реквизити. Заградено и осветлено, со клупи за одмор и корпи за отпадоци, ова повеќенаменско игралиште ќе биде место за собирање, дружење и спортување за сите, дури и во вечерните часови.

– На овој начин учениците ќе имаат уште поголем мотив да спортуваат и да се дружат меѓусебно, а наставниците ќе имаат дополнителна шанса да ги научат младите да практикуваат поздрав начин на живеење, фокусиран на промовирање на натпреварувачкиот дух, правилата на фер-плеј и тимска работа, рече директорот  на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески.

Тој нагласи дека со изградбата на повеќенаменските игралишта и останатите капитални проекти за спорт се потврдува заложбата за градење општество базирано на знаење и јакнење на духот и физичкото здравје кај младата популација.

 Повеќенаменското игралиште го градеше екипата на Бауер БГ. Неговата изградба, комплетно финансирана од Владата на РМ, преку Агенцијата за млади и спорт,  чинеше 8.730 000,00 денари. Посебно радува што ќе претставува уште една содржина што ќе ја нуди училиштето “Св. Климент Охридски” , кое пред неполн месец беше прогласено за најбезбедно и со најдобри хигиенски услови во Скопје, a едно од трите најбезбедни и најчисти во државата и кое е носител на највисокото еколошко признание-зеленото знаме.  

 

Споделете:

Scroll to Top