Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес беше во Драчево, на започнувањето на изградбата на нова водоводна мрежа на улицата “Речиште 2” со нејзините четири краци. После 30 години, жителите од овој дел на општината ќе добијат квалитетна вода за пиење, наспроти досегашната, која не задоволуваше никакви стандарди, бидејќи водоводната мрежа, тие ја изведувале самостојно, во 70-тите години на минатиот век.
-Денес започнуваме со решавање на еден тежок проблем чие постоење е недозволиво во 21 век. Жителите од овој дел на градот, со адреса на “Речиште 2” и неколкуте краци поврзани со оваа улица децении наназад немаат квалитетна вода за пиење бидејќи водоводната мрежа која тука постоеше, тие самите ја граделе пред повеќе од 50 години.
Новата водоводна мрежа која почнуваме да ја градиме по проектно-техничка документација изработена од ЈП Водовод и Канализација ќе има должина од околу 450 метри. Ќе биде завршена за околу 20-тина дена и откако сите куќи ќе се приклучат на неа, улицата ќе биде асфалтирана, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Ова е четвртиот проект промовиран во рамките на седмицата во која Општина Кисела Вода го слави својот 68-ми роденден. Претходно финализира проектот за реконструкција на улица “Локов” и проширување на паркинг просторот, започна изградбата на 4 нови паркинзи за околу 80 возила во Подстаница, а објектот Кокиче при ЈДГ “Весели Цветови” беше проширен за околу 90 дечиња и се најави изгрaдба на нов објект.