Преку едукативна интерактивна презентација „Селектираме и рециклираме со Пакомак“, учениците од ОУ „Рајко Жинзифов, симбол на кинеско-македонското пријателство” од населбата Драчево, се запознаа со методите за современо третирање на отпадот.
Точно во 8.00 часот, 3D ЕКО-БУСОТ беше паркиран во дворот на училиштето и во него, сите ученици од прво до петто одделение, во неколку групи имаа можност да ја проследат интерактивната видео презентација и да учествуваат во едукативниот квиз.
Низ еко содржините на оригинален начин, ги водеше популарниот ТВ водител Ивце Пивце кој со нив разговараше за нашите права и обврски кон животна средина.
Преку интересна видео приказна учениците се запознаа со начините за селекција на отпадоците, кои потоа ќе бидат рециклирани и од нив ќе се добијат корисни производи. Видео приказната, учениците ја проследија со помош на 3D очила. Со помош на електронски далечински управувачи имаа можност да учествуваат во едукативниот натпреварувачки квиз со цел развивање на повисока еколошка свест за зачувување на животната средина.
Учениците освен што учеа, играа, се натпреваруваа и навиваа. На крајот, секој ученик доби скромен подарок од Пакомак.