Голем интерес кај стручната јавност предизвикува Меѓународниот конкурс за идејно решение за ДУП за Расадник, кој го распиша Општина Кисела Вода пред повеќе од два месеци. Со цел да се обезбеди што подобро архитектонско-урбанистичко решение за потребите на жителите на овој дел од Скопје и целосна транспарентност на процесот, конкурсот е објавен на повеќе меѓународни стручни веб страници.
Имено, покрај на сајтот за јавни набавки на Европската Унија, на веб страниците на Архитектонскиот факултет, Комората на овластени архитекти и инженери и Асоцијацијата на архитекти конкурсот е поставен и на веб страниците на нивните сестрински организации. Истиот до стручњаците од нивните земји го пренесе и Сојузот на архитекти на Црна Гора, а текстот со сите критериуми се појави и на престижниот портал https://www.architectsjournal.co.uk/, како и на најпосетуваниот светски сајт за архитектура https://www.archdaily.com/986151/international-competition-for-conceptual-urban-architectural-solution-for-a-city-quarter-j14-rasadnik-skopje-municipality-of-kisela-voda.
Досега интерес околу учество на Меѓународниот конкурс има од стручни лица од целиот свет, како од Англија, Иран, Украина, Србија, Црна Гора… Жири комисијата во која има и врвен меѓународен експерт од областа на архитектурата и урбанистичкото планирање, претставници од домашната стручна јавност, и граѓаните преку Партиципативното тело за урбанизам на Општина Кисела Вода, веќе одржа неколку состаноци.
Главниот фокус беше ставен на пристигнатите прашања и барања за дополнителни податоци. Од пред неколку дена, сите досега пристигнати прашања и нивните одговори, се достапни и на веб страницата на Општина Кисела Вода.
http://www.kiselavoda.gov.mk/index.php/component/content/article/8-soodrzina/3428-2022-09-16-12-07-24
Истото ќе биде пракса и во периодот што останува до 11 ноември 2022, кој е краен рок за пристигнување наидејните решенија.
После речиси 60 години, Кисела Вода е првата општина која се осмели да направи сериозен чекор напред и да ги следи меѓународните стандарди за урбанистичкото планирање, транспарентното работење и водење сметка за јавниот интерес. За потсетување, програмските насоки за Расадник, зададени во конкурсот, предвидуваат постоење на детска градинка, основно училиште, верски објект, урбан парк од минимум 100.000 м2, спортско-рекреативни содржини, високо образование со ботаничка градина.
Ги охрабруваме сите заинтересирани да земат свое учество и да понудат архитектонско-урбанистичко решение кое ќе одговара потребите на жителите на Расадник и ќе биде естетско решение за идниот лик на овој дел од Кисела Вода. Наградите се парични. Сите детали се достапни на
http://www.kiselavoda.gov.mk/index.php/component/content/article/8-soodrzina/3216-2022-02-04-12-00-35 .