Со голем балон на топол воздух, Дедо Мраз денес слета во паркот во Кисела Вода и донесе пакетчиња за преку 3000 дечиња.
Ова беше финалето на новогодишниот настан кој го организираше Општина Кисела Вода и кој за најмладите овозможи двочасовна забава-театарска претстава од општинските градинки и концерт на изведувачите од детскиот фестивал „Поточиња“.
Градоначалникот Ѓорѓиевски ја истакна желбата на локалната самоуправа да им ги разубави празниците на сите граѓани и да им овозможи на најмладите со подарок и со спектакуларен настан кој ќе го паметат да ја испратат старата и дочекаат Новата 2023 година.
-Новогодишниот период е време кога ja прославуваме радоста, кога еден на друг си посветуваме повеќе внимание, кога со возбуда го очекуваме новиот почеток кој треба да донесе здравје, среќа, успех и други убави нешта за нашите најсакани. Се чини дека најважни за сите нас, сепак, се децата чии желби се најискрени и најтопли. Општина Кисела Вода одлучи да им ги разубави празниците на сите најмлади, да направи нешто несекојдневно за нив и силно верувам дека денешниот настан ќе го паметат долго време. Нашата честитка годинава изгледа вака- со театарска претстава, со концерт на омилените “Поточиња” и со новогодишни пакетчиња за сите дечиња кои се тука присутни. Нив ги донесе Дедо Мраз, а тој, како никаде и никогаш досега, само за децата од Кисела Вода, пристигна со балон. Со настан за паметење да започнеме нова година за паметење-истакна градоначалникот Ѓорѓиевски, честитајќи ја уште еднаш Новата 2023-та година и додавајќи дека овој настан ќе премине во традиционален.