Празникот Водици и оваа година беше најсреќен за Сашо Милошевски, кој денеска, меѓу педесетина други верници, успеа по вторпат да го извади Светиот крст од осветените води на базенот “Расадник”.
Истакна дека е многу среќен и дека минатата година му била многу успешна на сите полиња во животот и нему и на неговото семејство. Ова го посакува и оваа година и за себе и за сите присутни, за кои се радува што ги има во уште поголем број од лани.
Се заблагодари и на црквата и на Општина Кисела Вода, како и на општествено одговорните компании за организацијата и за наградите, кои како и минатата година, во духот на христијанството, ќе ги донира на социјално загрозени семејства.
Манифестацијата “Водици” ја возобнови Општина Кисела Вода минатата година. Годинава, одбележувањето започна со литија од храмот “Св. Ѓорѓија”, од каде верниците и свештенството од “Св. Ѓорѓија” и од ‘Св. Петка”, придружувани со песна од КУД ‘Китка”, се упатија кон базенот “Расадник”.
На чинот на положување на крстот му претходеше и света литургија со која чиноначалствуваше отецот Томе од црквата Св. Петка.
Градоначалникот Ѓорѓиевски, му честиташе на среќниот Милошевски и им се заблагодари на сите кои зедоа учество во денешната манифестација.
-Денес, за мене и за сите православни верници е многу голем и значаен ден, кога го славиме крштевањето како една од светите тајни на христијанството, го чествуваме зачетокот на човековото живеење во верата и прочистување на неговата душа. Масовноста која денес ја гледаме е само потврда за исправноста на одлуката што ја донесовме минатата година –да ја возобновиме традицијата во Кисела Вода за положување на крстот во осветената вода. Ги поздравувам сите кои денес најпрво беа дел од литијата што започна од храмот Св. Ѓорѓија, да се заблагодарам и на КУД “Китка” кои со својата песна овозможија настанот да има уште потрадиционална и посвечена нота, на свештенството од двата храма, “Св. Ѓорѓија” и од “Св. Петка”, како и да им честитам на сите кои имаа храброст и се обидоа да го фатат крстот. Посебна честитка до најсреќниот, Сашо Милошевски, кој по втор пат е најуспешен. Му посакувам добро здравје, среќа и радост за него и за неговото семејство, а ние како Општина заедно со неколку општествено одговорни компании се потрудивме да го запамети овој ден и по повеќе награди. Бог се јави и секогаш да бидеме вака обединети! Да сте ми живи и здрави-изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.