Синоќа во спортската сала ,,Архиепископ Доситеј“, Општината Кисела Вода успешно го промовира спортската игра ,,Гол-Бол“. Инаку, ,,Гол-Бол“ е параолимписки спорт на лица со оштетен вид, тој е уникатен, динамичен тимски спoрт на вештина, брзина и точност. Двата тима имаат по три играчи со максимум три замени во еден натпревар кој трае две полувремиња од по 12 минути.Теренот е со димензии нешто помали од ракометно игралиште, головите се протегаат по целата ширина на теренот а играчите на двете екипи со наизменично фрлање на специјална топка која во својата внатрешност содржи неколку звончиња заради подобро лоцирање на нејзината позиција, се обидуваат да постигнат гол. Интересно е да се каже, дека, сите играчи задолжително носат непрозирни маски на очите, за да се израмни нивото на општетен вид на играчите, бидејќи некои играчи имаат делумно оштетен вид а некои се со целосно слепило.
Инаку, презентацијата на спортската игра ,,Гол-Бол“, пред учениците на ООУ ,,Круме Кепески“, ја извршија наставници по физичка култура од специјалното училиште за оштетен вид ,,Димитар Влахов“, во соработка со Одделението за спорт на Општина Кисела Вода.
Премиерно се одиграа и два натпревари. Во првиот, ,,Одделението за спорт“ ја совлада екипата составена од советници од ,,Советот на Општината Кисела Вода“ со 8:7, додека во вториот, учениците од ,,Криме Кепески“ беа подобри од своите врници од ,,Димитар Влахов“ со 14:12.
Одделението за спорт на Општина Кисела Вода, во иднина, планира и во дригите основни училишта да направи слична презентација, се со цел веќе од следната година, овој спорт ,,Гол –Бол“ да има лигашки натпревари во Општината Кисела Вода.








