Општина Кисела Вода по 7 ми пат, ги собра новите родители со адреса во општинските граници. На 48те семејства кои неодамна добија дете и кои доставија комплетна документација, градоначалничката Билјана Беличанец-Aлексиќ им додели ваучери во вредност од 6000 денари. Оваа мерка е донесена минатата година, по нејзина лична заложба, со комплетна поддршка од Совет на општината и е влезена во редовната Програма за активности од областа на социјалната заштита.
„И во оваа календарска година, продолжуваме со традицијата за јавно доделување на ваучери за еднократна парична помош во висина од 6.000 денари на семејствата кои имаат принова. Одлука што ја донесовме кон средината на претходната година и оттогаш доделивме 278 ваучери. Ова говори дека нашата цел, полека но сигурно се исполнува. Тоа е да ги стимулираме семејствата сериозно да размислуваат и да се одлучат за зголемување на бројот на дечиња, но истовремено и да им помогнеме на овие семејствата со скромни средства кои сигурно им се и повеќе од потребни.“
Беличанец-Алексиќ потенцираше дека грижата за најмладите ќе продолжи и дека еднократната финансиска помош за семејствата од општината со принова ќе се доделува се до крајот на нејзиниот мандат.
Ги повика сите родители кои ги исполнуваат критериумите заедно со барањето да достават лична карта или друг документ за лична идентификација, извод од матична книга на родените за новороденчето, како и фотокопија од трансакциска сметка. Рокот за поднесување на барањата е 90 дена од моментот на раѓање на детето, а исплатата на паричните средства се врши по подигнувањето на ваучерот од страна на родителот.