Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес беше во посета на населбата Градинар, каде што официјално беше пуштен во употреба новоизградениот спортско-рекреативен центар, прв за жителите на оваа населба.
Со површина од 2500 квадратни метри, комплексот содржи модерно детско игралиште, кошаркарско игралиште и терен за мал фудбал. Просторот ќе има парковско зеленило, хортикултурно уредување, дрвца кои ќе бидат посадени во текот на утрешниот ден, поставена е и урбана опрема, овозможувајќи на децата, младите и повозрасните простор за активен и здрав живот.
Покрај оваа инвестиција, со нови тротоари е освежена пристапната улица „Борис Трајковски 7“, со што се подобрува безбедноста и пристапноста за граѓаните.
Градоначалникот Ѓорѓиевски потенцираше дека во последните три години во Градинар се реализирани повеќе клучни инфраструктурни проекти, меѓу кои најзначајна е изградбата на фекалната канализациона мрежа со што се реши долгогодишен проблем и на жителите им се овозможија достоинствени услови за живот, какви што секој граѓанин заслужува во 21-от век.
Дополнително, асфалтирани или поплочени со павер елементи се улици со вкупна површина од околу 12 000 квадратни метри, со што се заокружи еден од најважните инфраструктурни проекти во населбата, кој требаше да биде приоритет уште пред многу години.
![](https://opstinakiselavoda.gov.mk/wp-content/uploads/2025/02/3-1-1024x683.jpg)
-Овој спортско-рекреативен центар е доказ дека рамномерниот развој на сите населби и населени места во општината е наш императив, а изградбата на вакви простори за спорт, рекреација и дружење е дел од нашата долгорочна стратегија. Во изминатите три години силно инвестиравме во изградба и обнова на спортската инфраструктура. Со денешниот проект, бројки растат на 15 спортско-рекреативни центри и 20 детски игралишта. Нашата посветеност кон подобрување на животот на граѓаните нема да запре тука. Остануваме посветени на креирање на услови за активен и здрав живот на граѓаните, со конкретни проекти кои ја подобруваат секојдневната средина и ги подигнуваат стандардите на урбаното живеење во општина Кисела Вода- изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.