Во населбата Потстаница се одвиваат интензивни градежни активности за целосна реконструкција на објектот кој ќе биде првата детска градинка во овој дел од Кисела Вода. Станува збор за стар објект кој, со одлука на Владата на Република Македонија, беше правно преземен од ЈЗУ Завод за рехабилитација на деца и младинци – Скопје и даден на трајно користење на Општина Кисела Вода. Реконструкцијата опфаќа темелни зафати – од кровната конструкција, преку подните конструкции, до енергетски ефикасната фасада – со што ќе се создаде модерен и безбеден простор на 222 квадратни метри, за околу 80 дечиња. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакна дека ова е значаен чекор за општината и додаде:
-Големо е значењето на оваа градинка кој за првпат ќе се отвори во Потстаница и која родителите од овој дел на општината со нетрпение ја очекуваат, како можност нивните деца да растат и да се развиваат во современи услови. Овој објект, кој со поддршка од Владата правно го презедовме од ЈЗУ “Завод за рехабилитација на деца и младинци” – Скопје, во моментов добива сосема нов лик. Темелната реконструкција што ја вршиме – од кровот, преку подните конструкции, до енергетски ефикасната фасада – ќе го претвори во модерен простор за околу 80 дечиња, каде што тие ќе можат безгрижно да растат и да се социјализираат.
![](https://opstinakiselavoda.gov.mk/wp-content/uploads/2025/02/7-1024x682.jpg)
Кога станав градоначалник, на листата на чекање за упис во градинка имаше околу 450 деца. Денес, тој број е сведeн на триесетина. Но, не застануваме тука – моментално активно работиме на изградба на уште две градинки: во Расадник и во „Верверичка“, во близина на Општината. Со оваа и со сите претходни инвестиции, во последниве три години работевме на изградба и проширување на вкупно девет градинки. Со завршувањето на градинките што се во изградба, целосно ќе ги затвориме овие листи. Ова е мојата стратегија како градоначалник – да обезбедиме во Кисела Вода да има место во градинка за секое дете!
Голема благодарност до премиерот Христијан Мицкоски за брзиот одговор и позитивниот пристап во процесот на отворање на оваа градинка. Ова е уште еден доказ дека кога ги споделуваме истите вредности и кога работиме заедно, можеме брзо и ефикасно да ги решаваме проблемите на граѓаните. Кисела Вода станува општина која вложува во децата, во семејствата и во иднината. Продолжуваме со истото темпо – градејќи, унапредувајќи и создавајќи подобри услови за сите-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
![](https://opstinakiselavoda.gov.mk/wp-content/uploads/2025/02/8-1024x682.jpg)