Search
Close this search box.

Ансамблот “Македонија” ја воодушеви публиката на “Три круши 2014”

Целовечерен одличен концерт пред посетителите на Три круши, вечерва одржа ансамблот “Македонија”, во рамките на културното лето на општина Кисела Вода.

 

 Студентите од одделот за етнокореологија при Факултет за музичка уметност од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, како и ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ од насоката за традиционална музика и игра, кои настапуваат како членови на овој ансамбл, автентично ја пренесоа публиката неколку векови наназад. Со оригинални носии и костими, успешно ја донесоа на сцена нивната чалгиска вокално инструментална и танцова точка од 19-ти век и селската традиција на музика и игра од пред 19-ти век.

Програмата опфати ора и песни од Скопска Блатија, од село Смилево, Мијаци –Железник, ора од Малешевијата, Овчеполе… Пред бројната публика која беше восхитена од извонредната музичка вклопеност на чалгискиот и народниот оркестар, од извонредните гласовни можности на членовите на ансамблот, беа изведени Велигденски игри од Порече, Шекериној малој моме, Невестинско венчално, како и Ораовички собор – ора и песни од Радовишко Поле и Радовишки Шоплук.

Ансамблот Македонија кој постои од 2012 година, преку својот успешен настап на “Три круши 2014”, уште еднаш упати оригинална и веродостојна порака за разноликоста на македонската традиционална игра како и квалитетната музичка вклопеност и издржаност на инструментите кои со векови опстојувале на овие простори.

Културното лето Три круши 2014 продолжува следниот петок, кога целовечерен концерт ќе одржи квартетот ,, Македонска душа” предводен од Зоран Џорлев.

Културните случувања продолжуваат и во текот на утрешниот ден кога општина Кисела Вода со разновидна и богата културна програма ќе го прослави својот 59ти роденден.

Споделете:

Scroll to Top