Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денеска зеде учество на петтата Глобална женска лидерска конференција „Јас Сум Жена“, што се одржа во Музејот на македонската борба за самостојност. Таа беше говорник на панел-дискусијата насловена „Мајките за Македонија“, заедно со градоначалничката на Општина Неготино, Марија Нацева, под модераторство на Ребека Јанковска Ристески.
Панелот беше посветен на жената зад функцијата, со посебен фокус на спојувањето на секојдневните семејни обврски и мајчинската посветеност со одговорностите во раководењето на локалните самоуправи. Низ отворен и конструктивен дијалог беа опфатени клучни прашања поврзани со предизвиците и предностите на женското лидерство.
Во своето излагање, градоначалничката Стаменкоска Трајкоска истакна дека политиката и локалниот менаџмент не смеат да бидат перципирани како ексклузивно машки домен. Таа се осврна на позитивниот пример од Општина Кисела Вода, каде што голем дел од раководните позиции се покриени од стручни и посветени жени, со што се докажува дека компетентноста, институционалниот интегритет и професионалноста се единствените критериуми за успех.
Дискусијата опфати и теми за важноста од носење системски и долгорочни одлуки кои носат вистински развој на заедницата, предизвиците во одржувањето на рамнотежата помеѓу професионалните ангажмани и приватниот живот, како и неопходноста од континуирано инвестирање во образованието, младите политики и создавањето подобри услови за живот во секоја општина.












