Масовна акција за собирање на отпад денес се спроведе во општина Кисела Вода, како дел од проектот „Македонија без отпад 2014“ на Министерството за животна средина и просторно планирање и Асоцијацијата за чиста животна средина „Ајде Македонија“.
Вработените во општина Кисела Вода, сезонските работници, но и сите оние граѓани кои се одзваа на повикот од општината, денеска, со почеток во 9 часот започнаа со активностите насочени кон чистење и развивање на свеста за правилно постапување со отпадот.
Од трите локации на кои интензивно се чистеше, патот за Теферич (од складот на Треска до црквата Св. Преображение, во должина од 1 км), трим-патеката и локалниот пат Пинтија – Горно Лисиче, собрано е околу 30 кубни метри комунален смет, како и 40 вреќи со ПЕТ амбалажа и хартија. Отпадот, со камиони, е пренесен до депонијата Дрисла.
Во големата акција се вклучија и сите основни училишта од општината со чистење на училишните дворови и училниците, а со стара хартија ги наполнија и 35-те картонски кутии, донација од МПМ, кои за таа цел беа поставени во училиштата.
Националната акција за собирање на отпадот која има за цел поттикнување и активирање на јавноста на Македонија за чистење на расфрланиот комунален отпад,како и едукација за негово правилното отстранување, се одржува трета година по ред.
Истата, како пилот проект, стартуваше во 2012тата, токму од општина Кисела Вода.