Search
Close this search box.

Општина Кисела Вода и оваа сезона продолжува со проектот ”Слобода во вода” за децата со посебни потреби

И оваа сезона, општина Кисела Вода продолжува со реализацијата на проектот ”Слобода во вода” кои на децата со посебни потреби од оваа територија преку спортски активности во вода им овозможува подобрување на психофизичката состојба. Овој проект, кој е дел од Програмата за активности  од областа на социјална заштита, општина Кисела Вода, од минатиот октомври го реализира заедно со Здружението на граѓани за лица со дисфункции, хендикеп, ретки болести и посебни потреби ”Дајте ни крилја”. Финансиските средства за истиот се обезбедени од општината.

 

Вклучените тренери-инструктори, кои секој петок, на  базенот ”Карпош”- Спортски центар ”Борис Трајковски”, индивидуално работат со дечињата со посебни потреби од општина Кисела Вода, се професори по физичка култура, поранешни активни спортисти со долгогодишно искуство во овој спорт, спасувачи на вода, сертифицирани физиотерапевти  кои го знаат значењето на оваа терапија. Користејќи ги методите на Halliwick програмата, тие, на дечињата кои имаат Даунов синдром, аутизам, церебрална парализа им овозможуваат зајакнување и активација на мускулите во водена средина, бидејќи истите на суво и во секојдневието не можат да ги користат заради нивната попреченост. Воедно, им се намалува хиперактивноста, им се зголемува концентрацијата и фокусот на вниманието, им се подига самодовербата, со што се подобрува и нивната социјализацијата во средината во која живеат. Согласно досега постигнатите резултати кај дечињата од општина Кисела Вода, оваа програма веќе ги дава своите позитивни ефекти.

 

Грижата за овие лица, во општина Кисела Вода, продолжува и во периодот што следува. Наскоро во населбата Кисела Вода тие ќе имаат и игралиште за лица со посебни потреби,чија изградба е веќе во тек, а во населбата Усје, за нив ќе биде отворен и дневен центар.

Споделете:

Scroll to Top