Општина Кисела Вода во соработка со AД “Цементарница Усје”, денес организираше еколошко- едукативен настан, во пресрет на најголемата светска волонтерска акција со еколошки карактер Ден на планетата Земја, која се одржува утре.
50тина ученици од ПОУ “Кузман Јосифовски-Питу” во населбата Црниче денес учествуваа во интерактивно предавање на тема Штедење на енергија во контекст на заштита на животната средина. Предавачот Наташа Бакреска Кормушоска – менаџер за животна средина од Цементарница Усје, компанијата која е е меѓу првите кои во целост ја имплементираа Еколошката А дозвола, пред учениците од трето, четврто и петто одделение зборуваше на тема ефект на стаклена градина, климатски промени и намалување на нивото на стакленички гасови во атмосферата.
Учениците од своја страна, дадоа свои креативни решенија за заштеда на енергијата- исклучување на електричните и електронски уреди кога не се користат, користење на јавен превоз и велосипед наместо автомобил, садење на дрвја кои го апсорбираат јаглерод диоксидот од атмосферата, рециклирање на отпадот и информирање на јавноста за позитивните ефекти од намалувањето на климатските промени.
Инаку, ПОУ “Кузман Јосифовски-Питу” во населбата Црниче, во кој е сместена и градинката Перуника е објект во кој се применети буквално сите мерки за енергетска ефикасност, односно е е целосно енергетски ефикасен. Покрај тоа, општина Кисела Вода неодамна, тука изврши комплетна замена на системот за греење и воведе нов, комплетно енергетски ефикасен метод на греење со биомаса, користејќи овошни семки и пелети како енергенс. Со тоа, финансиските заштеди во потрошувачката на топлинска енергија се околу 80%, а штетните емисии на јаглероден диоксид се сосема избегнати, што е огромен придонес во заштитата на животната средина. Истиов систем на загревање ќе биде применет и во уште две други градинки во Драчево.
Општина Кисела Вода би сакала да ги повика сите жители од ова подрачје утревечер, во 20:30, симболично да го исклучат на осветлувањето во период од еден час и со тоа да испратат силна порака за спас на планетата Земја.