На првиот ден од почетокот на Велигденските празници, нови 50 семејства од општина Кисела Вода се стекнаа со документ за трајна сопственост на својот дивоизграден објект.
Во Големата сала, Претседателот на Советот на општина Кисела Вода Трјаче Донев им ги додели решенијата кои се доказ дека од денес, тие правно и легално располагаат со зданието.
-Би сакал да ве информирам дека по сите спроведени технички олеснувања на процесот на легализација од страна на општина Кисела Вода, бројот на легализирани објекти во овој дел на градот се искачи на 3649. Бројот на поднесени барања без геодетски елаборат, пак, во овој момент, изнесува 3400. Се надевам дека овие лица нема да го чекаат крајниот рок, кој согласно последните измени што ги направи Владата со цел да им излезе во пресрет на сите, е продолжен до крајот на 2015-тата-истакна Претседателот Донев.
Нагласи дека бенефитот од заокружувањето на процесот на легализација на дивоградбите ќе биде заеднички, а наголемата придобивка ќе ја почувствуваат присутните во салата кои од денес ќе знаат што значи да бидеш свој на своето. Нешто што е одличен повод овој празник убаво да го започнат и никогаш да не го заборават.
-Оваа прилика сакам да ја искористам и да ви ги честитам Велигденските празници кои токму денес започнуваат. Празниците се период во кој сакаме да креираме мигови достојни за паметење. Вие секако од тука заминувате со еден таков- подвлече Претседателот на Советот на општина Кисела Вода Донев.