“Соседска патрола” се одвиваше синоќа во општина Кисела Вода.
Повеќе советници од Советот на општина Кисела Вода, претставници на општинската администрација, на месните заедници, заедно со претставниците од Полициската станица од општа надлежност-Кисела Вода, до раните утрински часови вршеа обиколка на повеќе локации низ општината каде што има собирање на млади во доцните часови, места каде што има евидентирани нарушувања на јавниот ред и мир, а понекогаш и регистрирани кривични дела.
Посетени беа повеќе паркови низ општината, дворовите на повеќе детски градинки и училишта, детски игралишта, напуштени објекти, автобуски станици во урбаните задници 11 Октомври –Бараки, 11 Октомври –Згради, Кисела Вода, Расадник, Пинтија, каде со лицата кои беа таму затекнати се разговараше и се вршеше нивна едукација-какви се законските правила и прописи за превенција од ситуации кои можат да доведат до посериозни нарушувања на јавниот ред и мир и безбедноста на граѓаните.
Проектот “Соседска патрола” кој го спроведува Министерството за внатрешни работи, преку СВР-Скопје и ПСОН Кисела Вода, заедно со локалната самоуправа, има за цел зголемување на сигурноста и безбедноста на граѓаните во нивните населени места, како и намалување на кривичните дела и нарушувањата на јавниот ред и мир на ова подрачје. Истиот ќе продолжи и во наредниот период.