Советници, членови и претседатели на Совети од различни општини во Босна и Херцеговина, претставници од мисијата на ОБСЕ во БИХ, денес, на покана на ЗЕЛС, во општина Кисела Вода остварија работна средба со советниците од општина Кисела Вода, претседателот на Советот и градоначалникот на оваа општина, како и претставници од општинската администрација.
Претседателот на комитетот на совети при ЗЕЛС и актуелен претседател на советот на општина Кисела Вода, Трајче Донев го истакна задоволството што преку денешната средба ќе се подобри соработката и ќе се споделат искуства кои имаат крајна цел подобрување на функционалноста на советот, што е во интерес на граѓаните.
Пред присутните зборуваше за генералиите на општина Кисела Вода, како и за динамиката на работа на Советот и општинската администрација. Посебен осврт даде на улогата на Комитетот на совети при ЗЕЛС, презентирајќи ги досегашните активности на ова тело и информирајќи ги присутните за начинот на функционирање на системот Совети при општините-општинска администрација во Босна и Херцеговина, согласно нивната законска регулатива.
Свое обраќање имаше и градоначалникот на општина Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ, која ги поздрави и им посака добредојде на гостите од БИХ и даде свое видување на улогата на ЗЕЛС како медиум во комуникацијата меѓу локалната и централната власт. Назначи дека кога е во прашање локалната самоуправа и имплементацијата на европските закони, неговата улога е суштинска, односно дека ЗЕЛС е првата врата на која локалната власт се обраќа.
Советниците од општините од Босна и Херцеговина говореа за функционирањето на локалната самоуправа во нивната земја и кои се проблемите и предизвиците со кои тие се соочуваат, како и за корисните алатки за нивно надминување. Посебен акцент советниците од двете земји ставија на важноста на обуките и проектите кои нив ги овозможуваат.
Претседателот Донев, на претставниците од мисијата на ОБСЕ во БИХ им одговори дека сегашната соработка со ОБСЕ е мала, но дека постои потенцијал за нејзино унапредување. Дискутираше за неодамнешната посета на Белград каде се вршела електронска обука на советниците, проект на ОБСЕ во Република Србија и можноста истиот проект да се пренесе во Македонија, откако ќе се најде соодветен модалитет за негова имплементација во ЗЕЛС. Информираше и за претстојниот 4-годишен проект со УНДП преку кој треба да се подобри соработката на советите и пред се комуникацијата меѓу нив и граѓанинот, жител на општината.