Search
Close this search box.

Акција за собирање на е-отпад во општина Кисела Вода

Општина Кисела Вода заедно со друштвото за управување со отпад „Нула Отпад” денес започна голема еколошка акција за собирање на електронски и електричен отпад. Од 10 часот утринава, на повик од општината, жителите на три урбани заедници, 11 Октомври-бараки,  11 Октомври-Згради и Цветан Димов, ги носат старите и неупотребливи мали и големи електрични апарати, компјутери и компјутерска опрема, телевизори, видео рекордери, музички системи, електрични алатки во своите месни заедници, за што добиваат вредносни ваучери.

 

 

Е-отпадот ќе биде превземен, соодветно селектиран и на крај рециклиран од страна на „Нула Отпад”. Акцијата ќе се одвива до втората половина на месец декември, кога ќе се знае и која месна или урбана заедница од општина Кисела Вода собрала најмногу електронски отпад и за истата ќе биде обезбедена награда.

-Општина Кисела Вода преку Секторот за локален економски развој потпиша Договор за соработка со компанијата „Нула Отпад” која ги поседува законските лиценци за управување со електронскиот и електричен отпад. Ваквите акции освен што директно значат исполнување на законска обврска дефинирана со Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, значат и можност граѓаните лесно да се ослободат од е-отпадот кој го имаат во своите домови, притоа тој да биде правилно складиран, а потоа и рециклиран. Се работи за штетен и опасен отпад кој фрлен било каде, претставува опасност и за животот и здравјето на граѓаните, па акцијава има за цел да придонесе и за подигнување на свесноста за заштита на животната средина. Воедно, заедно со компанијата “Нула отпад”, се погриживме за секое оставено парче електронски или електричен апарат чиј животен век изминал, граѓаните да добијат вредносен ваучер од “Техномаркет”, со кој ќе остварат попуст при купување на нови електрични апарати, а месната или урбаната заедница која ќе собере најголема количина на е-отпад да биде, исто така наградена. На крајот на оваа акција која има еколошки предзнак, предвидовме и еден музички концерт, на кој наместо со билет, ќе може да се влезе со неколку потрошени батерии-изјави Тања Атанасовска-Ивановска, портпарол на општина Кисела Вода.

-Друштвото за управување со отпад “Нула Отпад” ДОО Скопје успешно го решава проблемот со управувањето на специфичните текови на отпад, почитувајќи ги европските стандарди и согласно законските прописи, постојано воведувајќи нови вредности и стандарди кои ја подигаат самосвеста на популацијата и културата на живеење. Оваа компанија е основана од производители и увозници и ги исполнува во целост сите законски барања за формирање и функционирање на ваков систем. Спроведувањето на концептот “zero waste” или нула отпад, и да се биде општествено одговорен, но и да се остане општествено одговорен е позиција која обврзува и во таа насока се темелат стратегиите за деловна ориентација на друштвото. Во однос на денешната акција, би сакала да нагласам дека ја започнуваме од општина Кисела Вода, бидејќи интересот што го пројавија беше огромен, што е одлична платформа за промовирањето на позитивни вредности на полето на заштитата на животната средина –истакна Александра Пановска од “Нула Отпад”.

Општина Кисела Вода е првата скопска општина во која со организирано собирање на електричниот и електронски отпад ќе бидат опфатени сите урбани и месни заедници од овој дел на градот. Денешната акција се одвиваше во урбаните заедници 11 Октомври-бараки,  11 Октомври-Згради и Цветан Димов. Следната сабота, 05.11.2015 отпадот до својата месна заедница ќе можат да го достават жителите на Пинтија, Усје и Стаклара- Каменик. Собирна акција за жителите на Црниче, Пржино и Бирарија е организирана за 11.12.2015 (петок), а ден подоцна, на 12.12.2015 за жителите од селото и населбата Драчево, како и од Подстаница. На 18.12.2015, од е-отпадот ќе можат да се ослободат и жителите на Расадник, Кисела Вода и Припор. Секоја од собирните акции започнува во 10, а трае до 13 часот.

Споделете:

Scroll to Top