Дечињата од социјално загрозените семејства од ООУ„Кирил Пејчиновиќ“ од понеделникот започнаа да посетуваат бесплатни часови по германски и италијански јазик.
Во организација на ова училиште од Општина Кисела Вода, 30тина ученици кои имаат потреба од курсеви по странски јазик, а не се во можност да си го дозволат истото, посетуваат настава која волонтерски ја одржуваат професорот по германски јазик Владимир Алексовски и професорот по италијански јазик Владимир Андоновски.
Часовите се одржуваат во попладневните часови, два пати неделно, по германски јазик и еднаш неделно по италијански јазик. Наставата се изведува во просториите на ООУ„Кирил Пејчиновиќ“.
Оваа иницијатива е една од заложбите на училиштето да им се излезе во пресрет на потребите на учениците, на тој начин помагајќи сите да имаат еднакви можности за успешен образовен процес. Од таму најавуваат дека ваквата пракса ќе ја продолжат, со што уште еднаш ќе ја потврдат континуираната грижа за сите свои ученици.