Search
Close this search box.

Спектакуларна завршница на културното лето “Три круши”

Пред околу 3.000 посетители, на спектакуларен начин вчера заврши манифестацијата “Бранувано културно Три круши 2013-то лето”. Имиџот и реномето на најпосетувана културна манифестација во Градот Скопје, културното лето во Кисела Вода и оваа година го потврди.

На четири локации во општината, годинава преку 35.000 посетители ги проследија вкупно 15-те културни настани, на кои продефилираа неколку стотини естрадни уметници, театри, ансамбли и културно – уметнички друштва, актери и хумористи.  

И оваа година културното лето “Три круши” ги оправда очекувањата. Оваа културна манифестација не само што низ своите  програмски содржини имаше забавен карактер, афирмираше и анимираше млади уметници, туку меѓу другото доби и предзнак на манифестација која се залага за зачувување на македонските културни вредности, традиции и обичаи.

На завршната манифестација, се претставија младата музичка надеж Даниел Тошевски, културно-уметничките друштва “Китка”, “Јордан Мијалков” и “Никола Јонков Вапцаров”, а културното лето свечено го затворија најголемите музички ѕвезди на македонската фолк сцена, Војо Стојановски и Сузана Спасовска. 

-“Се надеваме дека со богатиот репертоар на културни настани го подигнавме нивото на културно живеење на граѓаните во општината и ги погодивме изострените естетски вкусови на сите генерации. Организациониот тим од општината, веќе од понеделник ќе започне да работи на новата програма за културното лето 2014 година, во која сигурен сум дека целосно ќе бидат вклучени Вашите ценети предлози и сугестии. Советот на Општина Кисела Вода како традиционален покровител на оваа манифестација и во иднина ќе продолжи да го поддржува културното лето, во интерес на граѓаните”- меѓу другото на свечениот чин на затворањето на манифестацијата, истакна покровителот на културното лето, претседателот на Советот на Општина Кисела Вода, Трајче Донев.

Споделете:

Scroll to Top