Денес, во паркот Шопен, со почеток во 18:30 минути, ќе се одржи хуманитарна коријада. Настанот е во организација на Општина Кисела Вода, преку Одделението за култура и Здружението на пензионери од општина Кисела Вода, со поддршка од Општинската организација на Црвениот крст – Кисела Вода.
Пензионерите од Кисела Вода кои се вешти во подготовка на бели пецива, ќе ги изложат пред заинтересираните граѓани своите домашно подготвени прозиводи кои ќе можат да ги купат по симболични цени. Средствата собрани од продажбата се наменети за хумани цели, односно за Црвениот крст кои ќе ги распредели на социјално загрозени лица.
Паралелно, на истата локација, во паркот Шопен, докторски тим организиран од Црвениот крст, ќе врши бесплатни прегледи и ќе дава бесплатни лекарски совети. Граѓаните ќе можат да го проверат својот крвен притисок и состојбата на шеќер во крвта.
Коријадата ќе биде збогатена со културно – уметничка програма, со многу песни и ора во изведба на Здружението на пензионери “Кисела Вода”. Музичкиот дел започнува од 19:30 минути.