Општина Кисела Вода на сите граѓани им го честита 5 Мај, Денот на македонската азбука и македонскиот јазик.
Народната влада на Федерална Македонија, на 5 мај во 1945 година ја усвои азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо. По ова, на 7 јуни истата година Министерството за просвета го озакони првиот правопис, со што македонскиот јазик беше кодифициран. Имено, претходно со прогласувањето на Федерална Македонија како држава, на првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија, на 2 август во 1944 година, во манастирот Св. Прохор Пчински донесно е решение за употреба на македонскиот како службен јазик во Македонската држава.
Истакнатиот македонски книжевен и културен работник, академик и прв претседател на Македонската академија на науките и уметностите, филолог и професор на Филозофскиот факултет во Скопје и кодификатор на современиот македонски литературен јазик, Блаже Конески во една прилика нагласил: ,,Јазикот е нашата најкомплетна татковина”.
Одбележувањето на 5 Мај, за сите Македонци без разлика во која држава живеат е повик за зачувување на македонскиот јазик и неговото кирилично писмо.
По препорака на Советот за македонски јазик, Владата на Република Северна Македонија на 16 април во 2019 година донесе одлука 5 Мај да биде празник на македонската азбука и македонскиот јазик.
Нека ни е честит 5 Мај, Денот на македонската азбука и македонскиот јазик.