Search
Close this search box.

Се чистат депониите и отворените канали во Кисела Вода

И покрај сите апели и засилените инспекциски контроли од страна на општината, создавањето на диви депонии на територијата на општината Кисела Вода од страна на несовесни граѓани продолжува. За таа цел, Општина Кисела Вода започна акција за чистење на микро локации и црни точки на нејзината територија, каде во континуитет се создаваат диви депонии.

На акцијата претходеше снимање на микро локациите, односно дивите депонии од страна на општинските служби задолжени за заштита на животната средина, кои констатираа оштетување и демолирање на информативните табли со натпис “Забрането фрлање шут и отпад”, кои општината ги поставува на локациите каде се создаваат дивите депонии.

Денеска (05.09.) инспекциските и комунални служби од општината извршија расчистување на дивата депонија во близина на железничката пруга, каде во изминатиот период перманентно се фрлаше смет и шут.

Истовремено, покрај дивите депонии се чистат и отворените канали во општината. Имено, екипи на фирмата “Водостопанство Скопско Поле” по налог на општината извршија чистење на бетонскиот канал за отпадни води во месноста “Потстаница” (црниот канал) во должина од 3600 метри. Деновиве, акцијата ќе продолжи со чистење на коритото на реката “Мала Рада” во селото Драчево во должина од околу 2,8 километри.

Општината Кисела Вода апелира до граѓаните да го почитуваат Законот за јавна чистота и со своето однесување да придонесат за здрава и чиста животна средина.

 

 

 

Споделете:

Scroll to Top