Процесот на легализација во општината Кисела Вода тече со добра динамика, а по воведувањето на неколку технички мерки во процесот на решавање на предметите, веќе се гледаат позитивните ефекти.
Во насока на забрзување на темпото со кое се решаваат предметите за легализација во изминатиот период општината кадровски и технички го доекипираше одделението за легализација на дивоградби, се зголеми бројот на комисии кои излегуваат на терен, а се воведе и практика за делење на решенија на неделно ниво. Резултатите се веќе видливи, за што говори и статистиката. По воведувањето на оваа пракса, во изминатите неколку месеци се доделуваат во просек по околу 40-тина решенија за легализација на неделна основа.
Денеска, градоначалникот Билјана Беличанец – Алексиќ на свечен начин додели нови 42 решенија за легализација за бесправно изградени објекти.
“-Со денешново јавно доделување на решенија за легализација, бројот на решени предмети се качи на 2083, од вкупниот број на достасани предмети – 11.873. Од нив 5283 се во административна постапка, а 4520 предмети се незапочнати, односно се со нецелосна документација (најчесто недостасува Геодетски елаборат)” – информираше Беличанец Алексиќ.
Таа ги потсети граѓаните дека крајниот рок за доставување на елаборатот е 18-ти јуни 2014 година, што подразбира дека околу 4.500 граѓани од Кисела Вода имаат само уште неколку месеци за да ја докомплетираат документацијата, односно да го достават геодетскиот елаборат.
-“На крајот, сакам да ја искористам оваа прилика за да упатам апел до сите жители на Општина Кисела Вода да не го злоупотребуваат процесот на легализација и да градат нелегално во овој вакум простор, бидејќи, ќе се соочат со Општинската градежна инспекција. Сакам да Ве информирам дека Општинската градежна инспекција е перманентно на терен и секоја нелегална градба која ќе се детектира, а истата не е подведена под Законот за третман на бесправно изградени објекти, односно нема легална документација за градба, веднаш ќе биде срушена” – заврши Беличанец – Алексиќ.