Search
Close this search box.

Маестрален концерт на Драган Даутовски Квартет

Овогодинешното културно лето во Кисела Вода докажа дека публиката во оваа општина е желна за убава и традиционална македонска музика. Тоа се потврди на двата концерти, кои викендов се одржаа во рамките на “Брануваното културно Три круши 2013-то лето”. Верско – рекреативниот центар “Три круши” во петокот (12.07.) беше премал да ги собере посетителите, кои уживаа во широкиот репертоар на убава музика во изведба на групата “Фортуна”.

Паркот “Шопен” пак вчеравечер (13.07.), беше средиште на неповторливо културно доживување. Иако, за жал сме навикнати настапите на квалитетните етно-состави од Македонија надвор од државата да бидат многу попосетени, сепак вчеравечер тоа не беше така: паркот “Шопен” беше збиралиште на бројна публика од различни возрасти, различни стилови дојдена со една цел: да ужива во квалитетна музика со сите сетила. За тоа се погрижи професорот и мултиинструменталист на народни инструменти Драган Даутовски со својот состав, кој повеќе од една деценија е бележит репрезент на македонската култура и музика во светот.

Убавата музичка седенка со Драган Даутовски Квартет, прекрасната хармонија помеѓу членовите на групата, резултираше со несекојдневно музичко доживување. Дека текстот во песните не е нужен за да се предочи пораката на изведувачот, сведочи Александра, вокалистот на квартетот, која со сензуалноста и ангелскиот глас раскажа сè, дури и во песните без текст. Прекрасната артистичка појава ја надополнија и останатите два члена на квартетот, со прекрасен перформанс на кавал, тапан и други удирачки инструменти.

Забавата на културното лето во Кисела Вода продолжува во текот на следната работна седмица, а до крајот на годинашното културно лето, кое ќе се случи на 03.08.(сабота) преостануваат уште 6 културни настани.

Споделете:

Scroll to Top