На свечен начин денес, во големата сала на Општина Кисела Вода, градоначалникот Билјана Беличанец – Алексиќ додели решенија за легализација на бесправно изградени објекти на 44 граѓани од општината.
Градоначалникот Беличанец – Алексиќ истакна дека при легализацијата на дивоизградени објекти главна улога имаат граѓаните и општината и ги повика сите граѓани да ја комплетираат својата документација.
-Крајниот рок за доставување на елаборатот е 18 јуни 2014 година, што подразбира дека граѓаните имаат само уште осум месеци да ја докомплетираат документацијата, односно да го достават геодетскиот елаборат, рече Беличанец – Алексиќ.
Таа потсети на мерките на Владата за финансиско олеснување на процесот на легализација за социјално ранливите категории, на кои им овозможи да плаќаат половина од цената за геодетските елаборати.
– Оваа поволност треба да биде дополнителен поттик за сите корисници на социјална парична помош, корисниците на постојана парична помош, како и самохраните родители на деца со пречки во развојот. Нека ја искористат можноста што им ја дава државата и што поскоро нека ја заокружат процедурата за легализација, потенцираше Беличанец – Алексиќ.
Истовремено, градоначалникот укажа дека бенефитот од успешно заокружување на процесот на легализација ќе биде заеднички. Граѓаните ќе станат сопственици на нивните имоти, а општината ќе може да донесе нови детални урбанистички планови, во кој ќе бидат впишани и новолегализираните објекти, што е и крајна цел на овој процес.
– Општина Кисела Вода веќе започна со носење на неколку клучни урбанистички планови, кои се во согласност со новиот ГУП на Град Скопје, а се во насока на рамномерен просторен развој, рационално уредување и користење на просторот и создавање услови за хумано живеење и работа на граѓаните. Со новите детални урбанистички планови, на граѓаните и бизнис заедницата им даваме шанса за изградба на нови објекти и проширување и реконструкција на постоечките – заврши Беличанец – Алексиќ.