Процесот на легализација на бесправно изградени објекти во oпштина Кисела Вода продолжува со несмалена динамика. Практиката за делење на 50тина решенија за легализација на неделна основа, поткрепена со кадровско и техничко доекипирање на Одделението за легализација на дивоградби и зголемувањето на бројот на комисии кои излегуваат на терен, веќе ги дава посакуваните резултати.
Имено, со денешното давање правен статус на уште 50 објекти, градоначалникот Билјана Беличанец- Алексиќ објави дека бројот на легализирани објекти се во општина Кисела Вода се искачи на 3111 .
– Сакам да потенцирам дека главната улога во овој процес, покрај општината, ја имате токму Вие – граѓаните. И затоа и овој пат ќе си дозволам јавно да ги повикам сите граѓани кои немаат изготвено геодетски елаборат, а се работи за 3763 лица, да го сторат истото во најкраток можен рок, бидејќи со некомплетна документација, односно без елаборат го доведуваат во прашање легализирањето на објектот.
Воедно, наведе таа, изготвени се нови 87 урбанистички согласности од кои, за 78 се чека на уплата за процедурата да може да продолжи и процесот на легализација да може да се заокружи.
Доделувајќи ги решенијата, градоначалникот на општина Кисела Вода потсети дека крајниот рок за докомплетирање на документацијата, согласно последните владини измени е пролонгиран до 31.12.2015. Воедно, повторно упати апел до сите граѓани да не го злоупотребуваат процесот на легализација и да градат нелегално во овој вакуум простор, бидејќи како што рече, ќе се соочат со општинската градежна инспекција која е постојано на терен.