Фудбалерите на ОУ “Круме Кепески” се нови фудбалски шампиони во Општина Кисела Вода, додека капитенот на оваа екипа, Мартин Миленковски е прогласен за играч на сезоната.
Тоа е епилогот од завршницата на плеј-офот од првенството во мал фудбал, што се играше во рамките на училишниот спорт, чиј годинешен покровител е градоначалникот на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец –Алексиќ. Инаку, финалето на плеј-офот, наликуваше на вистински првенствен натпревар. Во првото полувреме ,,Дуња“ на двапати се закани, но голгетерот Филип Таневски не успеа да се запише во листата на стрелците. Еднаш, неговиот удар заврши во стативата, а вториот пат, топката заврши покрај голот. На спротивната страна пак, голманот Михаил Чорев правеше ,,чуда“. На неколкупати интервенираше маестрално по шутевите на Миленковски и Атанасовски. Победникот беше решен во второто полувреме. Прво, Миленковски го откри резултатот спроведувајќи една одбиена топка во мрежата на Чорев, а подоцна на фудбалски начин ги постави конечните 2:0, притоа докажувајќи дека избраниците на тренерот Игор Зафировски убедливо беа најдобар тим во измината сезоната. Во натпреварот за третото место ОУ ,,Кузман Шапкарев“ славеше лесна победа од 9:0 над немотивираниот противник ОУ ,,Кирил Пејчиновиќ“. На крајот од финалниот натпревар пехарите, медалите и дипломите ги доделија, Панче Јакимовски претседател на училишниот спорт на Град Скопје, како и, претставници на ,,Телеком“ и ,,Телефонмонтажа“ А.Д.Скопје, годинешни спонзори на училишниот спорт.