Паркот “Шопен” во Кисела Вода, вчеравечер беше средиште на вистинско музичко и културно доживување. Преку 500 граѓани присуствуваа на културниот настан “Ден на музиката на Шопен”, кој го организираше Општина Кисела Вода. Присутните граѓани можеа да уживаат во звуците на вонвременската Шопенова музика за пијано, во изведба на професорот во МБУЦ “Илија Николовски – Луј”, г-ѓа Даница Стојанова и нејзините студенти, кои одржаа целовечерен концерт на отворена сцена. Поводот за овој културен настан беше тригодишнината од пуштањето во употреба на паркот “Шопен”, кој во 2010 година се изгради во чест на 200-годишнината од раѓањето на полскиот композитор, великанот на музиката Фредерик Шопен.
На настанот се обрати градоначалникот на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ, која потсети на космополитската улога на Фредерик Шопен во светското музичко наследство.
-“Единствениот јазик на кој не му треба превод, а го разбираат сите ширум светот – е јазикот на музиката. А, пак музиката на Шопен претставува нешто многу повеќе од тоа. Заснована на начелата на хуманизмот, општо цивилизациските и европските вредности, музиката на Шопен ја отсликува космополитската идеја за чиста уметност. Варшавјанин по род, по срце Полјак и граѓанин на светот по талент, е вистинската дефиниција за универзално препознатливиот гениј на Романтизмот” – потенцираше Беличанец – Алексиќ, напоменувајќи дека Општина Кисела Вода е единствена општина во Република Македонија, која има чест една од улиците на нејзината територија да е именувана по овој светски музичар.
Пофални зборови за организацијата имаше и вршителот на должноста Амбасадор на Република Полска во Република Македонија, г-ѓица Марта Пшениосло, која напомена дека соработката со општината Кисела Вода на полето на културата се одвива на највисоко ниво и изрази надеж ваквата соработка да се продлабочи и во други сфери.