Search
Close this search box.

Граѓаните од Кисела Вода ќе учат како да ги заштитат домовите од кривични дела

“Полицијата – сервис на граѓаните” и “Како да го заштитиме имотот од кривични дела” се двата проекти кои во следниот период ќе се реализираат во Општина Кисела Вода, во организација на полициската станица од општа надлежност “Кисела Вода”. Овие два проекти ќе се реализираат во месните и урбани заедници во општината, согласно претходно утврдена динамика. Ова го најави командирот на полициската станица “Кисела Вода”, Ќиро Крстески, кој искажа голема благодарност до општината Кисела Вода и претседателите на месните и урбани заедници за нивната поддршка и подготвеност за соработка.

 

Поддршка на проектите искажа и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ, која во своето обраќање порача дека работата на локалната самоуправа и полицијата се сведува на еден заеднички именител, а тоа е дека и двете институции со своето делување претставуваат “сервис на граѓаните”.

-“Партнерскиот однос помеѓу полицијата и локалната самоуправа, односно локалното население е клучот на успехот за рано откривање и превенција, односно сузбивање на криминалот на нашите улици, во нашите маала и населби. Овие два проекта кои се во реализација на полициската станица “Кисела Вода” ја имаат токму таа функција – создавање на партнерски односи и односи на меѓусебно разбирање и доверба помеѓу полицијата и локалното население – потенцираше Беличанец – Алексиќ.

Таа се заблагодари на претставниците на Министерството за внатрешни работи – Оддление за превенција, командниот кадар на полициската станица “Кисела Вода” и особено на теренските реализатори на овие проекти, на кои им порача дека Општина Кисела Вода дава огромна поддршка на проектите и им стои на располагање за секакви дополнителни активности во рамките на нејзините надлежности.

Помошник-командирот на полициската станица “Кисела Вода”, Благоја Стојановски ги презентираше проектите пред претседателите и секретарите на месните и урбани заедници, директорите на основните училишта и дел од членовите на комисијата за јавна безбедност во Советот на Општина Кисела Вода, а во своето излагање потенцираше дека без взаемна соработка и доверба помеѓу граѓаните и полицијата, резултатите ќе изостанат.

Целта на проектите е да се зајакне довербата во полицијата, граѓаните да се запознаат со новиот начин на работа на полицијата, како и зајакнување на партнерството помеѓу граѓаните и полицијата во насока на зголемување на безбедноста на имотот на граѓаните.

Споделете:

Scroll to Top