Еден од врвните приоритети во работата на Општина Кисела Вода претставува инвестирањето во образованието и создавањето добри услови за работа и одвивање на воспитно-образовниот процес во основните училишта. Со санација и модернизација на училиштата, учениците добиваат пријатна и инспиративна клима за учење, а наставниците здрава работна средина.
Во таа насока, Општина Кисела Вода во соработка со Владата на Сојузна Република Германија, пред почетокот на новата учебна година извршија целосна реконструкција на подрачното училиште “Круме Кепески”, во населбата Припор. Ова подрачно училиште е изградено во 1982 година и оттогаш до денес не се извршени никакви реконструкции.
Денеска, претставници од германската амбасада во Скопје, директорот на ОУ “Круме Кепески” и претставници од Општина Кисела Вода го посетија подрачното училиште во населбата Припор, во кое во текот на летниот период се поставија нови прозорци, целосно се реновираа училниците, а се постави и нов училишен мебел.
Амбасадата на Сојузна Република Германија во Скопје донираше околу 5.700 евра за реконструкција на училниците, а со средства од општината во висина од околу 11.870 евра, се изврши промена на прозорците.
За досегашната успешна соработка и реализираниот проект, претставниците на германската амбасада добија благодарница од Општина Кисела Вода.