Сите ударни дупки по сервисните улици на територија на општина Кисела Вода од денес ќе се санираат. Тоа на денешната прес-конференција, од населбата Бирарија, го најави градоначалникот Билјана Беличанец – Алексиќ.
-“Акцијата паралелно ќе се реализира во сите 14 месни и урбани заедници, за што на барање на општината, фирмата изведувач формираше 4 оперативни групи кои ќе дејствуваат во четири реони низ општината” – истакна Беличанец-Алексиќ.
Првиот реон го сочинуваат месните заедници нас. Драчево, село Драчево и Потстаница. Вториот реон го сочинуваат населбите Градинар, 11-ти Октомври – бараки, селото Усје, Стаклара – Каменик и Пинтија. Во третиот реон влегуваат населбите Припор, Кисела Вода и 11-ти Октомври – згради, додека пак четвртиот реон од каде и впрочем започна акцијата, го сочинуваат населбите Бирарија, Цветан Димов, Црниче и Пржино.
Градоначалникот Беличанец – Алексиќ информираше дека за оваа акција ќе бидат потрошени 900 квадратни метри асфалт, а истата се реализира по претходно детектирање на ударните дупки, како и по пријава од граѓани кои ја искористиле апликацијата „Види, пријави, поправи“.
-“Ја користам приликава да ги замолам жителите на општината Кисела Вода за соработка и трпение во периодот додека се изведуваат градежните работи” – заврши Беличанец – Алексиќ.
За оваа акција од општинската каса се одвоени 2 милиони денари, а по завршување на истата ќе започне процес на детектирање на пропаднати шахти, кои подоцна ќе бидат нивелирани.