Search
Close this search box.

Жителите на Потстаница и населба Драчево задоволни од работата на Беличанец – Алексиќ

Општината Кисела Вода е една од ретките скопски општини во кои одлично функционира работата на месната самоуправа, како начин на подемократско и поефикасно исполнување на граѓанските интереси. Управувањето со територијата на општината е организирана преку 14 месни и урбани заедници, а во секоја ваква истурена канцеларија на општината е вработен општински референт, кој е практичен преносител на барањата на граѓаните до општината.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ, ја продолжи добрата практика за средба со жителите во месните и урбани заедници, имајќи во предвид дека токму таму е изворот на информации за проблемите на жителите на општината. Имено, од вчера (23.09.2013), градоначалникот со својот тим ја започна редовната посета на месните и урбани заедници во општината, а први во агендата за посета беа месните заедници Потстаница и населба Драчево.

На средбите, градоначалникот изврши кратка ретроспектива на реализираните проекти во овие месни заедници во изминатиот период, но ги најави и проектите кои во следниот период ќе се реализираат.

Граѓаните имаа можност да ги презентираат проблемите со кои се соочуваат, а се во надлежност на локалната самоуправа, при што како најгорливи прашања ги истакнаа проблемите од комунален аспект и проблемите со сообраќајната инфраструктура. Конкретно, жителите на Потстаница побараа проширување на улицата “Сердарот” во Потстаница, проширување на мостот на улицата “Киро Фетак” и поплочување со бекатон на две споредни улици во оваа населба.  Жителите на населбата Драчево пак, побараа изградба на атмосферска канализација на улиците “Ужичка Република” и “Славка Димкова”, да се изврши реконструкција на зелениот пазар во оваа населба и изградба на фекална канализација на улицата ‘Румена Хаџипанзова”.

Меѓудругото, граѓаните се заблагодарија на градоначалникот за изградбата на детските игралишта, чистењето на отворените канали и поплочувањето на тротоарите на улицата “Димитрија Чуповски”.

Посетите продолжуваат утре (25.09.2013), кога се закажани средби со жителите на населбата 11-ти Октомври – згради во 18:30 часот и жителите на населбата 11-ти Октомври – бараки во 20:00 часот.

Споделете:

Scroll to Top