Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денеска изврши увид во градежните активности за реконструкција и имплементација на мерки за енергетска ефикасност во подрачното основно училиште „Рајко Жинзифов“ во населбата Пинтија. На увидот присуствуваа и директорката на Проектната единица Нада Брајковска и други претставници од Министерството за финансии, преку кое се реализира ова финансиско партнерство со Светска банка.
Се работи на изработка на нова енергетски ефикасна фасада и термичка изолација на кровот, а проектот предвидува и поставување нов топловоден потполно автоматски котел на пелети, како и замена на старите светлосни арматури со ново ЛЕД осветлување. Дополнително, училиштето добива сопствен фотонапонски систем, со што директно ќе се задоволуваат потребите за електрична енергија од обновливи извори.
-Оваа инвестиција е директен влог во стандардот на образованието и долгорочно решение за енергетската независност на објектот. Со целосната реконструкција обезбедуваме современ простор за настава и едновремено, драстично ги намалуваме тековните трошоци за енергија. Упатувам голема благодарност до Светска банка за финансиската поддршка и до Министерството за финансии преку која се овозможи ова партнерство. Ние остануваме фокусирани на теренската работа и на континуираната реализација на капиталните зафати со кои директно се решаваат приоритетите на нашите жители-истакна градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.















