Во пресрет на првиот ден на есента, денес во општина Кисела Вода, се одржа манифестацијата „Есенска приказна заедно низ генерациите“.
На настанот, кој на едно место ги обедини учениците од ООУ „Св. Климент Охридски“, децата од општинските градинки и членовите на Здружението на пензионери -Кисела Вода, присуствуваше и градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.
Целта на ова меѓугенерациско дружење беше заедничко пречекување на есента, но пред сè, зачувување на старите македонски обичаи и нивно пренесување на новите генерации. Во улога на ментори, пензионерите им ги откриваа на најмладите традициите од нивното детство.
Низ креативни и практични активности, децата имаа единствена можност од прва рака да научат како се подготвува зимница, како некогаш се месело домашен леб и се подготвувала традиционалната храна, но и на кој начин во минатото се празнувале есенските денови.
-Нашата традиција е богатство. Да ја чуваме и да ја пренесеме на најмладите! Оваа есенска приказна е вистински пример за тоа како почитта кон минатото се вградува во иднината. Искуството на нашите повозрасни сограѓани е непроценливо, а детската љубопитност е искрена и претставува гаранција дека нашите корени и обичаи нема да бидат заборавени-истакна градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска





































