На покана на директорот на Државниот архив на РСМ, Димитар Богоески, денес во Музејот на македонската борба за самостојност се одржа промоција на уникатно дело преку кое важни државнички документи се адаптирани за лицата со оштетен вид, со примена на Брајово писмо и тактилни слики.
Општина Кисела Вода е отворена заедница која активно и континуирано се грижи за лицата со оштетен вид преку конкретни чекори за пристапност – на вратите на сите сектори и одделенија имињата се испишани со Брајово писмо, има назначен офицер, односно вработен, за комуникација со лица со попречености кој им помага при добивањето на услуги од општината.
Дополнително, во насока на зајакнување на образовните ресурси, Општината донираше 46 книги на Брајово писмо во библиотеката на училиштето за деца со оштетен вид ДУРДМОВ „Димитар Влахов“, воедно обезбеди и 60-тина наслови на Брајово писмо за дечињата со оштетен вид.
Проектот е плод на заемна соработка со училиштето за деца со оштетен вид, ДУРДМОВ ,,Димитар Влахов” – Скопје, и поддршката на Државниот архив.
-Наша заложба е институциите да бидат еднакво достапни за сите граѓани. Со пристапни општински простории, натписи и книги на Брајово писмо, но и со поддршка на проекти кои овозможуваат пристап до историјата и државноста, покажуваме дека инклузијата за нас не е само збор, туку реална пракса. Продолжуваме да градиме општина без бариери.- изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.











