Стартува нов проект низ училиштата во општина Кисела Вода кој има за цел подобрување на исхраната на учениците во училиштата-објави денес на прес конференција градоначалникот на општината Билјана Беличанец-Алексиќ. Пред присутните новинари, заедно со нутриционистот Тања Турунџиева и претседателот на Советот Трајче Донев, ги најавија промените кои од оваа учебна година започнуваат да се спроведуваат низ основните училишта на територија на оваа општина.
– Со задоволство, сакам да најавам дека Кисела Вода ќе биде првата општина во која од оваа година, на учениците ќе им се овозможи здрава храна во училиштата. Имено, по завршувањето на тендерската постапка за избор на сите фирми за подготовка на храната во училиштата, општина Кисела Вода даде иницијатива , во изготвувањето на храната да биде вклучен и консултиран нутриционист, како на учениците би им се понудиле квалитетни менија . Ова е проект кој, ние, како општина, уште минатата година го најавивме и кој веќе имаше своја мала увертира. Имено, општина Кисела Вода организираше дводневна обука која имаше и практичен и теоретски дел, во која беа вклучени и Агенцијата за храна и ветеринарство и Тања Турунџиева, како еден од врвните нутриционисти во земјава, која најдобро ја познава областа на здравата храна и исхрана. На обуката беа поканети сите готвачи при градинките во општината, сите готвачи во кујните кои ги опслужуваа училиштата , директорите, наставниците и заеднички се говореше за начинот на изготвување на храната , начинот на изготвувањето на менијата за соодветната возраст, додека Агенцијата за храна и ветеринарство демонстрираше како треба да се складира и чува вишокот на храна во самите кујни на градинките и училиштата-истакна градоначалникот Беличанец-Алексиќ. Додаде дека очекува дека оваа избалансирана исхрана ќе го поттикне имунолошкиот систем кај децата, што е посебно значајно во периодов, кога се соочуваме со најразлични заразни болести.
Целта на овој проект е единствена-преку здравата исхрана да му овозможиме здравје на детето- изјави нутриционистот Тања Турунџиева.
-Новоизготвениот режим на исхрана во себе ќе содржи многу повеќе свежо овошје, зеленчук и македонска кујна која е специфична за овие простори. Направивме промени во однос на сите оние нутритивни состојки кои го тревожеа организмот на детето и не му дозволуваа правилно да се развива, што значи дека излеговме од досегашните стереотипи кои нудеа менија со заостанат концепт на избор на намирници. Вклучуваме специјалитети од македонската кујна , адекватни за секое дете на таа возраст. Правиме малку поголема промена во однос на утринските ритуали, го зголемуваме присуството на свежо овошје и зеленчук и правиме замена на сите оние нутритиви кои во себе содржат различни емулгатори и негативно се рефлектираат врз имунолошкиот систем и здравјето на децата. Оваа режимска исхрана има и своја едукативна компонента преку која детето ќе се запознае со храната и колку таа може да биде негов лек или нешто со што ќе го чува сопственото здравје. Најважна е едукацијата и промената во самата исхрана-подвлече нутриционистот Турунџиева.
-“ВИМ-Д КОМПАНИ”, “САРА ТРЕНД”, “АТРИУМ ДИМИЛ” и “ВЕЛФУД “се фирмите кои заедно со општината, нутриционистот и училиштата ќе го спроведат овој проект- наведе Претседателот на Советот на општина Кисела Вода, Трајче Донев.
Истакна дека кон крајот на учебната година ќе се сумираат резултатите и ќе се суди за успехот на проектот. Воедно информираше дека нема да има различни менија, туку дека во сите основни училишта на територија на општина Кисела Вода, ќе се служи едно мени кое ќе се менува еднаш во месецот, во зависност од потребите на децата и сезоната.
Градоначалникот на општината Билјана Беличанец Алексиќ потенцираше дека ваквиот нов начин на исхрана во училиштата нема да ја промени цената за оброците.Истакна дека и со иста цена, може да се добие поквалитетна храна. Воедно, најави дека овој процес на обуки и едукација ќе продолжи интерактивно.
-Во моментов се подготвува театарска претстава, каде што низ призмата на детската психологија, со театарски приказ, ќе им доближиме на дечињата од прво до петто одделенение што значи правилна исхрана и правилен однос кон храната. Проектот ќе биде отворен за сите родители кои своите прашања ќе ги упатуваат до директорите и фирмите кои преку тендер се избрани да ја подготвуваат храната. На овој начин ќе имаат можност доколку сакаат, извесна промена во однос на исхраната да внесат и во својот дом, со што се надеваме,сите заеднички ќе помогнеме во стекнување на здрави навики, што е чекор напред во превенција и надминување на болестите поврзани со храната и исхраната, пред се’, сузбивање на, дебелината која е се поприсутна-изјави Беличанец-Алексиќ.