Градоначалникот на општина Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ, заедно со заменик министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски, градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, претставници од ЈП Македонски шуми, претставници од иницијаторите-граѓанското здружение „Денот на дрвото“, директорот на средното училиште „Васил Антевски Дрен“, денес во ова средно училиште ги засадија првите садници од есенската акција „Ден на дрвото 2015 година.
-Драго ми е што токму од општина Кисела Вода започнува кампањата за есенската акција „Ден на дрвото 2015 година, која треба да се одржи во втората половина од месец ноември. Секоја година, па и оваа, оваа локална самоуправа е активно вклучена вота еколошка иницијатива, со што даваме свој придонес во подобрувањето на условите за живеење. Сакам да нагласам дека во наредниот период, се додека трае акцијата, општина Кисела Вода ке се организира со делење садници, со што сите заинтересирани граѓани ќе можат да земат свое учество и активно да допринесат во подобрување на животната средина во град Скопје- истакна градоначалникот на општина Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ.
Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски изјави дека во акцијата ќе бидат засадени вкупно 500 дрвја во средните училишта во Скопје.
– Оваа есен Град Скопје ќе посади 5.000 дрвја покрај булеварите и парковите и дополнително ќе подели 2.000 садници на куќните совети и месните заедници во градот. Со тоа ќе придонесеме за подобрување на условите на животната средина во градот и подобрување на условите за живеење во Скопје – рече Трајановски.
Заменикот министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски нагласи дека значењето на акцијата е големо со тоа што зафатеноста на садниците е 60 отсто од околу 55 милиони дрвца засадени во изминатите 15 години.
– Во оваа 16. акција по ред ќе бидат засадени околу три милиони садници кои што Владата заедно со Ј.П. „Македонски шуми“ ги обезбедува и се однесуваат на територија од околу 1.000 хектари во целата држава- изјави Костадиновски.
Претставникот на Ј.П. „Македонски шуми“ Александар Флоровски, нагласи дека претпријатието како главен носител на целата акција, учествува со 3.124.000 садници кои ќе бидат засадени 931 хектар земјиште ширум цела Македонија, додека на општините се поделени околу 67 илјади дрвца.
Мото на годинашната 16-та акција по ред е „Засади успех!“. Годинава акцентот е на средношколците од градот Скопје, кои во текот на кампањата, заедно со „Денот на дрвото“, континуирано ќе засадуваат дрвца во училишните дворови и ќе ја озеленат својата средина.
Идеен творец, долгогодишен претседател и актуелен почесен претседател на акцијата е маестро Борис Трајанов, кој во 2008 година поведе група ентузијасти кон засадување нова еко-иднина и поттикна формирање Граѓанско здружение „Ден на дрвото – засади ја својата иднина!“.