Search
Close this search box.

Реакција на Општина Кисела Вода

Општина Кисела Вода најостро ги демантира тврдењата кои денеска ги изнесе општинската организација на СДСМ-Кисела Вода по однос на Одлуката за измена и дополнување на Буџетот на Општина Кисела Вода за 2013 година.

Советниците од СДСМ, очигледно целосно ја промашиле темата за прес-конференција, бидејќи станува збор за ребаланс на буџет, а не за носење на буџетот за 2014 година. Колку за потсетување, буџетот за следната година се носи кон крајот на тековната година, што значи буџетот за оваа 2013 година е донесен на крајот на 2012 година. Јавно ги прашуваме советниците од СДСМ: Каква логика користите, кога ја лансирате тезата дека со ребалансот на буџетот практично се кратат проектите од предизборната програма на актуелниот градоначалник на Кисела Вода, кога општинскиот буџет за 2013 година е донесен кон крајот на 2012 година. Одговорот, најверојатно само тие го знаат.

Сосема депласирани се тезите дека се кратат средствата за капитални инвестиции до крајот на годината, а практично сме на крајот на градежната сезона. Небулозно е да се тврди дека се кратат средствата за улично осветлување, кога само пред некој ден започна големата акција за промена на живините светилки со енергетски ефикасни и натриумови светилки, првично во населбите Црниче, Пржино, Бирарија и Цветан Димов, каде ќе се сменат околу 850 улични светилки, со што општината годишно ќе заштеди околу 1,5 милиони денари. Смешно е да се тврди дека не се реализираат проекти за енергетска ефикасност, кога општината Кисела Вода е лидер во енергетска ефикасност на локално ниво. Колку само за потстетување, неодамна заврши целосната реконструкција на покривот на градинката “8-ми Март” во Пржино, а целосно се реконструираше и ПОУ “Круме Кепески” во Припор, каде се имплементирани најсовремените мерки за енергетска ефикасност.

Срамно е да се тврди дека се намалува буџетот за изградба на патишта, улици и мостови, а притоа да се заборави дека досега се реализирани огромни инфраструктурни проекти, а неодамна започнаа со реализација уште неколку. Сакаме да ги потсетиме советниците од СДСМ дека во екот на градежната сезона, во општина Кисела Вода се изведе најголемата акција за санација на ударните дупки досега, каде се асфалтираа улици на вкупна површина од преку 14.500 квадратни метри, а само изминатиот и овој месец целосно се реконструираа 26 сервисни улици во сите населби. Неодамна заврши и реконструкцијата на улиците “474” и “Томе Арсовски”, а општината ги реализираше и проектите за изградба на фекална канализација за улиците “Герника” и “Сердарот” во с. Драчево, се подобри водоводната мрежа во месноста Порупи, се исчистија отворените канали, се изградија 6 нови детски игралишта  на целата територија на општината, се замени урбаната опрема во парковите и јавните површини.  Неодмана започна да се гради и атмосферска канализација за улиците “Локов” и “Ѓорѓи Димитров” во Кисела Вода, фекална канализација за улицата “Жванска” во Црниче, а започна и рекоснтрукцијата на неколку пешачки скали.

Што се однесува до Измените и дополнувањата на буџетот на Општина Кисела Вода во 2013 година односно Ребалансот, сакаме да ја информираме јавноста дека истите се однесуваат на промените кои се настанати во изминатиот период од тековната година и се вршат поради помалиот прилив на средства во буџетот на Општината, спореден со планираните расходи за тековниот период од 2013 година.

За таа цел, направени се измени кај некои ставки во одделни програми со цел да се реализираат преземените активности до крајот на годината, а кај други е направено намалување/зголемување на истите, со цел за нивна оптимална реализација. Конечно, ребалансот на буџетот е одраз на домаќинско и транспарентно работење и реализирање на зацртаните програми за работа на градоначалникот на Кисела Вода, во дослух со граѓаните. Граѓаните се сведоци дека реализирањето на проектите од предизборната програма на Градоначалникот се одвива согласно предвидената динамика, а со истото темпо ќе се продолжи и во следната година.

Оттаму, во интерес на правилното информирање на  граѓаните, Општина Кисела Вода апелира до СДСМ да не ја замајува јавноста со лаги и измислици, а изнесените ставови во врска со кој било проект на општината Кисела Вода претходно да ги провери во соодветните сектори.

Очигледно е дека новиот лидер на општинската организација на СДСМ-Кисела Вода со неаргументирани и паушални изјави сака да добие партиски поени, но само кај неговиот лидер, а не и кај граѓаните на Кисела Вода, кои добро знаат и гледаат колку се работи во нивната општина.

СДСМ сеуште не може да сфати дека со деструктивна политика и неаргументирано напаѓање не може да се добијат избори. Тоа граѓаните добро го знаат и го потврдуваат на последните неколку изборни циклуси во Кисела Вода. 

            Со почит,

                                                                                                Општина Кисела Вода

Споделете:

Scroll to Top